Алармантен извештај од ОН: Во Газа во моментов се одвива најлошото можно сценарио

од desk2
26 прегледи

Појасот Газа е соочен со сериозен ризик од глад, бидејќи индикаторите за консумација на храна и за нутрицијата ги досегнаа најлошите нивоа од почетокот на конфликтот, алармираше денеска Integrated Food Security Phase Classification ( IPC), светски механизам за проценка на сигурноста на храната којшто опфаќа дваесетина хуманитарни групи, невладини организации и агенции на ОН, и ја оценува состојбата со гладот во светот.

„Сѐ поголем е бројот на доказите дека гладот, неисхранетоста и болестите го забрзуваат растот на бројката на смртни случаи поврзани со недостигот на храна“, алармира IPC, повикувајќи да се почне со целосна хуманитарна акција за сузбивање на последиците од гладот и страдањето..

Овој механизам уште не може службено официјално да потврди глад, бидејќи тоа може да го направи само после анализа, но вели оти е јасно дека се присутни два од најмалку трите фактори за глад. Имено, глад се прогласува кога најмалку 20% од населението е соочено со екстремен недостиг на храна, со потхрането секое трето дете, и онаму каде двајца на 10.000 луѓе умираат од глад или од болест.

Според најновите податоци, во поголемиот дел од разорената палестинска енклава со 2,1 милион луѓе, преминати се праговите на глад.

„Службените објави за глад секогаш доцнат зад реалноста. До моментот кога во Сомалија во 2011 година беше прогласена глад, 250.000 луѓе, половина од нив деца помали од 5 години, веќе умреа од глад. До моментот кога ќе се прогласи глад, ќе биде предоцна“, предупредува Дејвид Милибанд, прв човек на Светската организација за спасување.

IPC досега четири пати одреди глад – во 2011 година во Сомалија, во 2017 и 2020 година во Јужен Судан и во 2024 година во Судан. Механизмот предупредува дека не прогласува тој глад, туку на владите и на другите тела им дава анализи врз чија основа тие може да го направат тоа.