Делови од јужна Европа и северозападна Африка се зафатени од пеколен топлотен бран, при што, според прогнозите, во наредните денови може да дојде до рекордни температури. „Кербер“, именуван од Италијанското метеоролошко друштво по чудовиштето со три глави од пеколот на Данте Алигиери, се очекува да предизвика екстремни услови. Екстремно високи температури се очекуваат и во делови од Шпанија, Франција, Грција, Хрватска и Турција, а ваквата ситуација нема да ја заобиколи ниту Македонија. Од УХМР информираа дека во некои делови од земјата во наредните денови се очекува температурите да надминат 40 степени, па оттаму се поставува прашањето што можеме да очекуваме во втората половина на месецот јули и како да се справиме со ваквите временски услови?
Познатиот метеоролог Славчо Попоски во разговор за „Локално“ упати предупредување дека овој топлотен бран кај нас ќе се задржи најмалку една седмица и дека температурите ќе надминат 50 степени Целзиусови! Тој исто информира дека УВ-индексот ќе биде 10, па оттаму апелира на крајна претпазливост.
-Овој топлотен бран од Африка е екстремно топол, и секако не е нормален за овој период од годината. Сепак и во минатите години сме имале вакви топлотни бранови. Сето ова е поради метеоролошкиот феномен „Ел Нињо“, порачува метеорологот.
Според него, ваквите метеоролошки феномени се нормални низ кој земјата треба да помине.
-Пред ова затоплување на климата сме имале глобално заладување, во следните години барем според сегашните следење повторно ќе настапи глобално заладување. Тоа ќе донесе поснежни и постудено зими кај нас, ни рече Попоски.
Исто така предупредува дека кај нас во текот на летните периоди се очекуваат се почести и поголеми временски непогоди, поплави и свлечишта, а предупредува дека истото го очекува на целиот Балкан.
-Нашата работа во анализирањата на времето може да се каже дека отсега па натаму ќе биде многу полесна, благодарение на алатката за рано предупредување на временски непогоди „NOTHAS“ . Со оваа алатка ќе знаеме точно во кој регион, па дури и во кој град во Македонија ќе има временски непогоди и поплави. Оваа алатка отсега па натаму секој граѓанин може да ја следи на веб страницата на ФИНКИ, изјави соговорникот во разговорот.
Владата вчера соопшти дека поради високите температури, почнувајќи од денес 13 јули, почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението. Согласно усвоеното, Владата препорачува: ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и лица на возраст над 60 години. Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките. Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници. Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот, се наведува во соопштението.
Од Владата потенцираат дека надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.
Н.П.