Албанците од Македонија ќе дадат се од себе за да му помогнат на Косово, вели Таравари

од Nikola Popovski
506 прегледи

Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Арбен Таравари порачал дека Косово треба да биде грижа на секој Албанец додека не биде меѓународно признато.

Зборувајќи за средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, Таравари посочил дека претставниците на ВЛЕН имале редовни средби со него додека биле опозиција, но и дека оваа традиција продолжува и сега кога се во фаза на формирање на нова влада.

„Тоа е едноставно братска комуникација меѓу нас. Зборувавме за предизвиците низ кои поминавме и за идните предизвици, што можеме да направиме за Косово и што може Косово да направи за Албанците од Северна Македонија. Разговаравме и за нашите идни предизвици, како регионот да биде постабилен, понапреден, како и околу тоа како заедно да се приклучиме кон ЕУ и НАТО“, рекол Таравари.

Градоначалникот на Гостивар најавил дека ВЛЕН многу брзо ќе излезе со конкретни и добри резултати за Албанците воопшто, но и за Македонија и регионот.

Тој оценил дека Косово напредува, но негов главен проблем и предизвик останува односот со Србија за конечното признавање на независноста од страна на официјален Белград.

„На овој пат, Албанците од Северна Македонија ќе дадат се од себе за да му помогнат на Косово и ова би била двојна победа и за Косово и за регионот. Мислам дека додека Косово не биде меѓународно признато, тоа треба да биде грижа на секој Албанец. Тоа е мое мислење и верувам дека го мисли и секој Албанец“, истакнал Таравари.

Тој додал дека на средбата во кабинетот на Курти се разговарало за проекти поврзани со иницирање на економска, културна и образовна соработка.

„Средбата се одвиваше во духот на срдечната соработка, имајќи предвид дека Албанците на Балканот се фактор на поддршка за демократизацијата, европската интеграција, евроатлантскиот мир, безбедноста и стабилноста“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.

Слични содржини