Абдул Самрез Јашари, роден во Македонија, познат и како Абу Катада ал-Албани ќе добие висока функција во новата сириска армија. Имено како што тој објавил на Фејсбук профил за кој се верува дека е раководен од него напишал дека бил унапреден во чин полковник.
Како што пишува Радио Слободна Европа новите лидери на Сирија, наводно, доделиле високи воени позиции на неколку странски исламистички борци, вклучително и еден Албанец од Македонија. Ова ја зголеми загриженоста во земјите на потекло на борците за можното прелевање на револуцијата на нивната територија, наведува медиумот.
Покрај Албанецот од Македонија, Ројтерс и АФП, повикувајќи се на извори во Сирија, објавија дека меѓу странците кои биле унапредени на официјални позиции имало и државјанин на Таџикистан и тројца кинески Ујгури.
Инаку Абдул Самрез Јашари, роден во Македонија, познат и како Абу Катада ал-Албани засега за него се пишува единствено на социјалните мрежи иако домашните институции засега се уште немаат официјална потврда или демант на оваа информација.
Јашари, кој има 48 години, е водач на групата „Џемати Албан“, милитантна група составена главно од Албанци.
Групата е сојузник со Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) – исламистичка група прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија, која го собори сирискиот претседател Башар ал Асад во декември 2024 година.
Абдул Јашари е под санкции на САД од 2016 година.