Албанија одлучи целосно да го забрани ТикТок

од Nikola Popovski
10 прегледи

Албанската влада денеска донесе официјална одлука за забрана на платформата ТикТок во земјата. Министерката за образование Огерта Манастирљиу најави дека ограничувањето ќе биде за период од 12 месеци. Таа на новинарите по седницата на Владата изјави дека оваа мерка е неопходна за заштита на животот и здравјето на децата и младите.

„Донесовме одлука за преземање привремени мерки и ограничување на социјалната мрежа ТикТок.

„По серијата консултации со околу 65.000 родители и околу 1.300 состаноци на кои беа анализирани ефектите поврзани со безбедноста на децата, како и негативните последици кои можат да доведат до здравјето и психо-емоционалната благосостојба на децата, одлуката е донесена“, рекла министерката.

Додала дека и родителите биле за затворање или ограничување на платформата ТикТок.

„Имајќи ги предвид сите факти и елементи кои се од најголема важност за нас, а кои беа директно поврзани со безбедноста на децата и младите во дигиталната средина, препорачавме затворање или ограничување на пристапот до платформата Тик Ток. Ова ограничување на пристапот ќе биде за период од 12 месеци, што ќе ни овозможи време да преземеме акција во координација со претставниците на оваа социјална платформа. Тоа е одлука која се фокусира на интересите на децата и младите“, навела министерката.

Во врска со спроведувањето, таа објаснила дека тоа ќе го направи Националната агенција за сајбер безбедност, која ќе соработува со своите одделенија и ќе го спроведе ова затворање за краток временски период, кој може да биде за неколку дена или нешто повеќе од една недела.

Премиерот Еди Рама ја предложи оваа мерка по убиството на малолетник на 19 ноември минатата година во Тирана. Тогаш во конфликт со врсниците загина 14-годишниот ученик, Мартин Цани.

Слични содржини