Албанска опозоција: Убиството на возачот на министерот е ликвидација

од desk2
111 прегледи

Опозицијата во Албанија тврди дека насилната смрт на Шклзен Ќордја, инаку возач на министерот за внатрешни работи, Џафај, не е самоубиство, туку е ликвидација извршена од мафијата. Потпретседателот на опозициската Демократска партија, Едмонд Спахо рече дека државата сака да го заташка убиството на возачот, но премиерот Рама ги отфрла обвинувањата од опозицијата во кои гледа чиста политика.

„Трагичниот настан со шоферот на министерот за внатрешни работи е мафијашко убиство. Не е сценарио за фантазија, како што тоа сака да го продаде главниот обвинител Еди Рама. Овие пет години на власт, Еди Рама го негираше секој скандал кој го вмеша него и неговата влада во злосторство. Еди Рама го нарече сценарио од фантазија и превозот на дрога со авион“, рече Едмонд Спахо- ДП.

„За бруталниот притисок врз момчето кое почина, неговата вмешаност во сценарија за нанесување удар кон министерот за внатрешни работи и владата, навистина не постојат зборови за да се коментира. Ова е подмолно, срамно и уште еден пример за неверојатна и вештачка политичка дебата“, изјави Еди Рама- премиер на Албанија.