Албанската опозиција обвини дека секојдневно на 45 фирми се става клуч на врата

од desk4
97 прегледи

  Албанската опозициска демократска партија ја обвини актуелната влада дека како последица на високите даноци секојднeвно во земјата на 45 фирми им се става клуч на врата.

Преку видео порака на „твитер“ лидерот на демократите, Љуљзим Баша претставува рекордни бројки,според него, за негативното влијание врз албанската економија кое го создала “владата на преродба„.

Баша наведува дека во изминатите седум месеци од годинава затворени се 8.185 бизниси или по 45 бизниси на ден и додава дека колку подолго е оваа влада на власт „толку полошо ќе биде за земјата“.

Претходно и  неговата сопартијка, Јолинда Табаку,  потпретседателка на парламентарната комисија за економија ја обвини владата за кризата низ која минува албанската економија.

Според неа во последните четири години во Албанија престанале со работа 68.731 фирма а само во изминатиот период од годинава затворени се 66 отсто повеќе бизниси споредено со лани истиот период.

– Секојдневно се затвораат бизниси поради високите даноци кои им се земаат,секогаш се повеќе,а за возврат не добиваат ништо. Претприемачите се жалат на притисокот од владата а нивните бизниси се во криза поради намалената потрошувачка,намалената куповна моќ,што потврдува дека секојденвно економијата изумира,- обвини Табаку.

Таа посочува дека албанскиот граѓанин е многу посиромав и пооданочен  отколку пред четири години.