Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) реагираше на етикетирањето на македонската заедница во Албанија како „северномакедонска“ од страна на албанската амбасадорка во Софија во интервју за бугарски медиум. По овој случај, МАЕИ упати писмена реакција до повеќе институции, меѓу кои Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија, Народниот правобранител, Комесарот за заштита од дискриминација, Делегацијата на ЕУ во Тирана, Канцеларијата на Советот на Европа во Тирана, Американската амбасада во Тирана и македонската амбасада во Тирана.
Во реакцијата, МАЕИ побара јавно извинување од албанската амбасадорка и преземање мерки од страна на МНР за спречување на слични случаи во иднина, кои сериозно ги нарушуваат односите меѓу македонската заедница и албанските институции.
-По барањето на МАЕИ, Народниот правобранител на Албанија отвори административна истрага и побара објаснување од Министерството за Европа и надворешни работи. Во својот одговор до Народниот правобранител, МНР истакна дека употребата на оваа терминологија била лапсус на албанската амбасадорка во Софија, без никаква заднина, и дека ги преземале сите неопходни мерки за вакви ситуации да не се повторуваат од страна на нејзини функционери, велат од партијата на Македонците во Албанија.