Алегри по дебаклот против Виљареал: Не сум лут на никого, повторно би се подготвил исто за натпреварот

од Vladimir Zorba
404 прегледи

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, изјави дека доколку може, би направил неговиот тим да има ист пристап како во првите 65 минути од реваншот против Виљареал.

Јувентус падна во провалија во последните 15 минути од натпреварот на својот стадион. Имаа повеќе од играта во првото полувреме, три „зицери“, но Херонимо Руљи беше маестрален и ги спречи избраниците на Масимилијано Алегри да се радуваат.

Виљареал беше трпелив, чекаше и чекаше – а потоа му зададе болен удар на Јувентус. Три гола во последните 15 минути се нешто што, кој и да погледне само на семафорот од овој меч, ќе каже дека гостите доминирале, но не беше така.

„Би го подготвил натпреварот на ист начин да можев. Момците беа добри во првите 65 минути. Во еден момент Виљареал се бранеше со сите играчи и само инцидент можеше да го скрши тој отпор. Мораме да го прифатиме овој пораз. Тој е грд, но не можам да се пожалам на момците, тие беа добри“, призна Алегри.

По последниот свиреж на судијата, Алегри изгледаше бесен и гестикулираше кон некого. Се сметаше дека тоа е Унаи Емери.

„Не бев лут на никого. Му честитам на Емери за вистинскиот пристап. Ова беше еден од неговите стандардни потези. Сега, да продолжиме понатаму, никому не му требаат контроверзии“, објасни Алегри.

Слични содржини