Алексова Малева: Граѓаните кои уплатиле аранжмани за Турција, Кипар, Дубаи не смеат да бидат оштетени

Се апелира туристите да не ги откажуваат аранжманите за дестинации каде што ситуацијата се одвива нормално, со цел граѓаните да не сносат финансиски последици, вели во интервјуто за „Локално„ Ана Марија Алексова Малева, претседател на Националната асоцијација на туристички агенции.

од Vladimir Zorba
147 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Prosperium Films

Најголемиот предизвик е да не се оштетат граѓаните кои уплатиле аранжмани по повластени цени со рана резервација, особено затоа што во случај на откажување тие средства не подлежат на поврат. Поради тоа се апелира туристите да не ги откажуваат аранжманите за дестинации каде што ситуацијата се одвива нормално, со цел граѓаните да не сносат финансиски последици, вели во интервјуто за „Локално“ Ана Марија Алексова Малева, претседател на Националната асоцијација на туристички агенции.

Таа вели дека туристичките агенции се во постојана комуникација со своите партнери низ светот, со цел да ја следат безбедноста и условите на сите дестинации. Тие ја насочуваат својата понуда и се прилагодуваат на побарувачката, односно за дестинациите за кои граѓаните се заинтересирани

Како војната на Блискиот Исток влијае врз туристичките текови и дали има откажување на туристичките аранжмани за Турција, Кипар, Дубаи…?

Ситуацијата со војната на Блискиот Исток во прв момент имаше голем удар врз туристичките аранжмани. За Дубаи, поради укинувањето на летовите, очекувано беше дека ќе следуваат откажувања сè додека состојбата не се нормализира. Кипар, и покрај нападот врз британската база, функционираше нормално, а летовите од Скопје не беа прекинати, сепак, поради индивидуален страв кај граѓаните, на почетокот на март имаше одредени откажувања. Од 10-ти март, откако граѓаните согледаа дека ситуацијата на Кипар е под контрола и туристичките атракции се одвиваат нормално, реализацијата на аранжманите продолжи непречено. И Турција во текот на март ја реализираше својата туристичка сезона, при што илјадници туристи го посетија Истанбул. Иако индивидуален страв постои кај дел од луѓето, не се регистрирани масовни откажувања.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочува туристичкиот сектор во вакви услови?

Најголемиот предизвик е да не се оштетат граѓаните кои уплатиле аранжмани по повластени цени со рана резервација, особено затоа што во случај на откажување тие средства не подлежат на поврат. Поради тоа се апелира туристите да не ги откажуваат аранжманите за дестинации каде што ситуацијата се одвива нормално, со цел граѓаните да не сносат финансиски последици.

Како туристичките агенции се прилагодуваат на неизвесноста и промените во побарувачката?

Туристичките агенции се во постојана комуникација со своите партнери низ светот, со цел да ја следат безбедноста и условите на сите дестинации. Тие ја насочуваат својата понуда и се прилагодуваат на побарувачката, односно за дестинациите за кои граѓаните се заинтересирани и кои традиционално се присутни на нашиот пазар.

Дали се забележува зголемен интерес за домашен туризам и кратки, поблиски патувања како алтернатива?

Поблиските дестинации, од различни причини како што се поевтината цена, можноста за побрзо враќање дома и полесното патување со деца, традиционално биле најбарани од мнозинството туристи. За домашниот туризам нема значително зголемен интерес, особено со оглед на тоа што на пазарот се достапни блиски дестинации со поволни цени. Сепак, постои одреден интерес за домашен туризам, но тој не довел до драстично зголемување на побарувачката.

Дали зголемените цени на авионските билети и автобускиот превоз ќе доведат до поскапување на летните аранжмани, вклучително и за Грција?

Како што покачувањето на цените на горивото влијае на целото стопанство, така може да доведе и до покачување на летните туристички аранжмани. Еден туристички аранжман се состои од неколку услуги, меѓу кои превоз, сместување и организација. Туристичките агенции имаат право да ја покачат цената на комплетната услуга ако се зголеми цената на превозот, вклучувајќи ги и дестинациите како Грција. Сепак, се надеваме дека цените нема да ескалираат и дека тоа нема да биде на штета ниту на граѓаните, ниту на туристичките агенции.

Кон кои побезбедни дестинации се пренасочува светскиот туризам и со кои земји би се замениле Кипар, Египет и Турција?

Египет и Турција се сè уште барани дестинации, а препораките од нашите партнери покажуваат дека ситуацијата е стабилна и дека целата летна сезона се реализира со чартер летови од нашата држава. За Кипар, поради намален интерес, дел од летовите за летната сезона се откажани. Дестинациите како Грција, Албанија, Црна Гора и Шпанија остануваат присутни како избор за граѓаните, особено за поблиските европски дестинации.

Кои се најголемите ризици за туризмот доколку војната продолжи подолг период?

Најголемите ризици се поврзани со можното затварање на одредени аеродроми преку кои доаѓаат странските туристи, стравот кај нашите граѓани за патување во одредени дестинации и можноста за покачување на цените на туристичките аранжмани.

Какви се очекувањата за закрепнување на туризмот по стабилизирање на ситуацијата?

Очекуваме дека нема да има големо влијание врз одлуката на граѓаните за патување. Доколку цените останат стабилни или има само мали покачувања, граѓаните ќе продолжат да патуваат. Некои делови од светот отсекогаш биле ризични и нестабилни, но со присуството на медиумите и социјалните мрежи стравот кај граѓаните се зголемува, што влијае врз нивната одлука за патување. Очекуваме ситуацијата брзо да заврши и да не се прошири воена или вонредна состојба низ светот, бидејќи тоа не е во интерес на ниту една економија или стопанство.

Б.С.

Слични содржини