Алијанса за Албанците (АА) се уште не добила конкретна понуда за влез во Владата, но сепак оставаат простор за можно делување. Според партијата, доколку пристигне каква било понуда ќе состават конкретна платформа со барања, како одговор до извршната власт.
-Доколку се согласат да ги направат тие промени, проекти, напредок, ќе го разгледуваме преземањето одговорности, а ако не, тогаш ние не сме за други пазарења, соопштија вчера од партијата.
Пратеникот на АА, Халил Снопче синоќа исто така истакна дека за навистина да се зборува за влез во Владата, сегашното мнозинство мора да понуди нешто конкретно како што се идеи и ресори.
-Имаме средби на ниво на заменици, но не можеме да зборуваме за директни преговори кога немаме конкретна понуда. Алијанса за Албанците се уште нема конкретна понуда за влез во Владата, рече Снопче во емисијата „Клик плус“.
Во врска со можниот влез на Алијанса во Владата, вчера говореше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тој истакна дека целта на таквата идеја е обезбедување на „концентрација во европските интеграции“.
– Целата оваа тема нема врска со теснопартиските интереси. Ова се однесува на усогласување на политичкиот фактор за поголема концентрација во европските интеграции, изјави Ахмети.
Тој додаде дека премиерот Димитар Ковачевски е во преговори со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари за ова прашање.
Премиерот во неколку наврати порача дека засега нема конкретни разговори со АА, но ги пофали за нивната поддршка за продолжување на патот на земјава кон евроинтеграции.