Алијанса на Села го обвини Таравари за „деградација на белите мантили“

од Nikola Popovski
83 прегледи

Сведоци сме на континуирано незадоволство на здравствените работници и соработници, кои со право реагираат на повеќегодишното одложување на процесот за нивно вработување. Оваа состојба не само што негативно влијае врз моралот и мотивацијата на здравствените работници, туку сериозно го нарушува и функционирањето на јавниот здравствен систем, обвинија од крилото на Алијанса на Албанците предводено од Зијадин Села.

Според партијата, бесмислената и понижувачка игра меѓу Владата, поранешниот министер за здравство и директорот на Клиничката болница во Тетово доведе до понатамошна деградација на фигурата на белите мантили. Обвинуваат дека оваа институционална неодговорност ги деморализира младите здравствени професионалци, кои сѐ почесто бараат начин да ја напуштат земјата, оставајќи ја државата без суштински човечки ресурси.

-Неодговорното однесување на поранешниот министер Арбен Таравари, кој во служба на своите лични и групни политики ги остави здравствените работници на улица, го достигна својот врв. Тој ќе се соочи со судот на граѓаните на двојните избори во октомври, каде што отчетноста нема да изостане.

Во меѓувреме, “промената” што ја вети неусогласената и неспособна коалиција ВЛЕН, уште повеќе ја влоши состојбата на овие професионалци, кои денес можеме да ги сретнеме во секоја јавна здравствена установа, без редовен статус и во целосна правна несигурност.

Алијансата за Албанците бара итно свикување на владина седница со единствена точка на дневен ред: итно вработување со решенија на сите здравствени соработници и среден медицински персонал, порачаа од таборот на Села.

Слични содржини