Алијансата на Албанците, предводена од Зијадин Села, реагира дека за време на ракометниот натпревар помеѓу екипите на „Вардар“ и „Пелистер“, биле упатени навредливи скандирања кон припадниците на албанската заедница во земјава. Крилото на Села остро реагира на, како што вели, молчењето на Владата и ВЛЕН пред овие навреди.
„Ова не е прв случај и, за жал, нема да биде последен, сè додека институциите молчат, а владата со ВЛЕН на чело се преправа дека не гледа. Наместо да преземат конкретни чекори за казнување на сторителите кои поттикнуваат меѓуетничка омраза, вазалите на Мицкоски се вклучуваат во политички циркуси, како што е срамната сцена во салата „Борис Трајковски“, се наведува во реакцијата.
Според Алијансата за Албанците, ВЛЕН и во овој случај одлучи да замижи.
„За нив, фотографијата со македонските навивачи и повиците за антиалбанство е поважна од достоинството на Албанците и заштитата на нашите мајки и сестри кои се понижувани на спортските трибини“, додаваат од партијата.
Во реакцијата дополнително се нагласува дека ВЛЕН нема ниту волја ниту желба да го запре напливот на антиалбански наративи од поединци кои отворено изјавуваат на социјалните мрежи дека ќе го поддржат овој субјект само за да ја поразат албанската опозиција.
„Овој феномен не само што ја разоткрива слабоста на ВЛЕН во однос на политичките притисоци и пропагандата, туку во исто време го става во сомнителна позиција, каде што поддршката што ја добива не е поврзана со нејзината политичка програма, туку со цели што го нарушуваат единството и интересите на Албанците“, се нагласува во соопштението.