Алијанса на Села: За Вучевиќ највисок државен протокол, а Курти беше примен како обичен гостин

од Nikola Popovski
335 прегледи

Алијанса на Албанците, предводена од Зијадин Села, обвини дека „моноетничката власт денеска ја запечати ориентацијата и односите на државата со соседните земји“. Според АА, обидот да се прикрие скандалот со косовската претседателка Вјоса Османи преку приемот на премиерот Албин Курти, денеска докажа дека приемот на Курти бил понижувачки за Косово во однос на приемот на премиерот на Србија, Милош Вучевиќ.

-Сите бевме сведоци како премиерот Курти при посетата на Скопје не беше пречекан со висок државен протокол, ниту со државниот оркестар и интонирање на химните на двете држави, туку беше примен во Владата само како обичен гостин.

Во меѓувреме, денеска за Вучевиќ беше организиран највисокиот државен протокол со комплетна церемонија од влегување на граница до прием во Владата. Дополнително, премиерот Мицкоски во изјавите за медиумите потврди дека Србија е „повеќе од сосед“ и со нив делиме „повеќе од граници“

Дополнително, двајцата премиери денеска се заложија за зајакнување на билатералните односи во областа на енергетиката и економската интеграција, додека во однос на Косово и другите соседи Владата ги намалува средствата за инфраструктурни проекти како што се патот Скопје-Блаце и Коридорот 8, стои во соопштението на партијата која е дел од коалицијата Европски фронт.

Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ е во официјална посета на Македонија. Потпишан е меморандум за соработка во енергетиката. Скопје и Белград ги продлабочуваат билатералните односи. Приоритет – енергетско осамостојување, брза железничка пруга на Коридорот 10, интеграција во ЕУ.

„Ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот. Исто така можам да кажам дека зборувавме во делот на енергетското поврзување на двете земји. Посебно ја истакнавме важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ги поврзува или ќе ги поврзува во иднина двете земји“, изјави премиерот Мицкоски.

Слични содржини