Алијанса за Албанците: Поради закани нема да отстапиме од борбата со криминалот

од Vladimir Zorba
233 прегледи

Портпаролот на Алијанса за Албанците, Арбен Зеќири, денеска на прес-конференција истакна дека целата партија му дава поддршка на Дритон Небиу, актуелен директор на Агенцијата за управување со одземен имот, кој се соочува со закани и заплашувања. Рече дека не отстапуваат пред никого кога се во прашање постапки и борбата против криминалот и корупцијата.

– Како што очекувавме, одредени структури и поединци кои се попречени од нашите промени во владеењето и нашата решителност против криминалот, со неуспешни закани се обидуваат да не спречат во оваа мисија. Деновиве криминалци потврдени со судски решенија им се заканувале на вработените и на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Дритон Небиу. Сакаме да ве известиме дека зад директорот Небиу стои целата Алијанса за Албанците, целото претседателство и сите членови. Безрезервно го поддржуваме нашиот директор кој неодамна, како никој до сега, после 10 години успешно продава имот конфискуван од криминалци и корумпирани поединци, рече Зеќири.

Според него, секоја закана и секој обид за заплашување е неуспешен од самиот почеток, затоа што директорот Небиу, Алијансата за Албанците и сите нивни избрани функционери нема да застанат во работата.

– Напротив, секој проект против криминалот и корупцијата ќе го реализираме, секој одземен имот ќе се продава и парите ќе им се враќаат на граѓаните до последен денар. Џабе ви, ние ниту се плашиме ниту се предаваме. Со се што правите само не зајакнувате и ја нагласувате нашата бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Вие продолжувате со празни зборови, а ние ќе продолжиме со конкретни дејствија и наши проекти, рече Зеќири.

На крајот од обраќањето портпаролот ги повика надлежните институции, Министерството за внатрешни работи, обвинителството и другите да ги истражат заканите кон вработените и раководството на Агенцијата, да ги идентификуваат заканите и да ги изведат пред правдата. Ги повика и другите институции да се приклучат на борбата на нивната партија и да не молчат пред заканите.

Слични содржини