Алиу избран за нов министер за здравство со 65 гласови „За“

од Nikola Popovski
34 прегледи

Азир Алиу од редовите на коалицијата ВЛЕН е избран за нов министер за здравство. Ова следува откако попладнево во Собранието, пратениците дадоа поддршка за неговиот избор на местото на досегашниот член на Владата, Арбен Таравари.

Од 95 присутни пратеници, 65 гласаа „За“ новиот министер, 15 беа „Против“, а немаше ниту еден воздржан.

Со тоа Алиу по вторпат стана министер, овојпат за здравство иако по образование и пракса е универзитетски професор по информатички науки. Алиу во периодот 2023/24-та беше министер за дигитално општество и администрација во владата на Димитар Ковачевски во која беа СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците. Беше разрешен откако и тогаш Арбен Таравари ја напушти владеачката коалиција, а сега е обратна ситуацијата, тој го напушта Таравари, но добива министерска позиција.

Во официјалната биографија се наведува ангажманот кој Алиу го имал во премиерскиот кабинет, додека на шефовската фотелја седел Никола Груевски. Поточно, Алиу навел дека од 2013 до 2017 работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на тогашниот премиер.