Алиу контра Таравари: Останувам дел од ВЛЕН

од Nikola Popovski
212 прегледи

Високиот член на Алијанса за Албанците и поранешен министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, преку објава денеска обелодени дека ќе остане дел од коалицијата ВАЛЕН, и покрај напуштањето на Владата на лидерот на едното крило на АА, Арбен Таравари.

-Верувам дека решителноста за промени во општеството не се напушта при првата пречка – туку се гради со уште повеќе работа! Со големо почитување кон лидерот на партијата и неговото право на политичка проценка, се чувствувам должен јавно да кажам дека ќе продолжам да бидам дел од процесот што го започнавме заедно во ВЛЕН и во оваа Влада!

Влада која за прв пат сериозно ги отвори институциите и почна систематски да се справува со проблемите, почна да се соочува со корупцијата и криминалот и го крена гласот против државата заробена од сега веќе добро познатите корумпирани структури на ДУИ, истакнал Алиу.

-Можеби не сме совршени, но никој не може да каже дека ВЛЕН и оваа коалиција не донесоа нова динамика, нова надеж и вистински притисок за структурни промени. Мислам дека повлекувањето во овој момент, без јасен план, им дава простор на старите структури на ДУИ да се рехабилитираат и „заздрават“, заедно со нивните немоќни наративи. Ова е пат што не го следам, бидејќи верувам дека секој млад Албанец, секој интелектуалец, заслужува друга политичка опција – авангарда која сака иднина поинаква од она што сме го виделе досега, која ја избира победата на надежта и ги става мудрите и чесните, а не багабонтите, на пиедесталот на општеството, додал членот на Алијанса.

Порачал и декка „стои рамо до рамо со оние кои продолжуваат да се соочуваат со предизвиците, но и со граѓаните, со идејата за вистинска промена, со борбата која почна да дава резултати“.

Таравари вчера информира дека ВЛЕН е игнорирана како дел од Владата и дека неговата Алијанса не е навикната да биде само декорација.

-Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните и да разговараме со нив, со цел да се подготвиме за локалните избори што треба да се одржат во октомври оваа година. 5 месеци сме пред локалните избори и мислам дека партијата треба да се мобилизира бидејќи за нас е многу важно да извојуваме победа, изјавил Таравари.

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи денес бил во посета кај косовскиот премиер Албин Курти, заедно со други функционери на Алијанса за Албанците, кои го поддржаа Таравари во судирот со Зијадин Села, но сега се против одлуката на Таравари да го напушти ВЛЕН и да замине во опозиција. Во негово друштво, освен Алиу, бил и поранешниот пратеник Сурија Рушити.

ВЛЕН завчера со собранискиот спикер Африм Гаши испрати список со 9-те пратеници од Демократксо движење, БЕСА, Алтернатива и независниот Беким Ќоку како нова пратеничка група на партијата наместо на досегашната коалиција.