Алиу: Од 18 тендерски постапки за јавни набавки, на 14 се пријавила само една компанија

од Nikola Popovski
200 прегледи

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу денеска имаше прес-конференција за Ревизорскиот Извештај во однос на тендерските постапки и состојбите во Министерството за информатичко општество и администрација.

Предмет на ревизија биле предмети по случаен избор анализирани од независен ревизор, во делот од отворање на тендерска постапка до финална исплата за реализираните активности. Овој извештај го опфаќа периодот од јануари 2021 до јуни 2023 година.

Извештајот нотира дека од 18 тендерски постапки за јавни набавки, на 14 се пријавила само една компанија. За три постапки имало две понуди, односно за една постапка имало три понуди. Исто така, во голем дел од постапките, сумата што била предвидена во планот за јавни набавки на МИОА за одредена набавка била иста со сумата што ја понудила одредена компанија. Според министерот, ова е системски проблем за кој треба да се најде соодветно решение.

„Од една страна, одредени компании сами креираат политики врз основа на своите бизнис интереси, додека од друга страна голем дел од компаниите, поради одредени причини, не се јавуваат на јавните повици на државните институции. Секако ова влијае на конкурентноста и можноста за поголем избор, односно државните институции се принудени да плаќаат повисоки цени заради малата понуда од компаниите. Затоа потребно е целокупно системско решение кое ќе ги спречи сите обиди за злоупотреба и ќе ја зголеми понудата на добра и услуги кон државните институции“, рече министерот Алиу.

Алиу апелира дека доколку сакаме да победи Северна Македонија и да стане членка на Европската Унија, тогаш мора отворено да се зборува за сите проблеми и предизвици на овој пат.

Ревизорскиот извештај за состојбите е јавно достапен на интернет страницата на МИОА.

,,Сакаме да бидеме транспарентни и одговорни кон граѓаните и да ги подобриме тендерските процеси. Ќе организираме и средби на кои ќе ги информираме компаниите за поголемите тендери“, вели Алиу.

Претходно, министерот Алиу во Клубот на пратеници имаше средба и со претставници на бизнис заедницата и на стопанските комори на која ги пренесе проблемите со кои се соочуваат државните институции.

Слични содржини