Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на прес-конференција попладнево ги повика пратениците да ги разгледаат, како што рече, уште утре сите дилеми во врска со пакетот закони предложен од МИОА, кои пред повеќе од еден месец се усвоени од Владата, а се заглавени во Собранието.
Се работи за законите поврзани со јавната администрација, за дигитализација и за медиуми на кои МИОА работело подолго време и кои, рече Алиу, се клучни и од суштинско значење за олеснување на животот на граѓаните. Посочи дека тие се поврзани и со трите столба – администрација, дигитализација и медиуми од програма на ЕУ „Дигитална Европа“ со која летото нашата држава склучи договор.
-Овие предлог-закони значат операционализација на преземените обврски на нашата држава. Овие закони се блокирани и, искрено, јас не ги знам причините зошто се заглавени… Ги повикувам пратениците уште утре во 10 часот да ги разгледаме сите дилеми околу овие закони кои ќе направат суштински промени што ќе го олеснат животот на нашите граѓани. МИОА изминатиот период работеше на цел пакет закони да се унапреди законската регулатива за реформа на јавната администрација, усогласени со стандардите на ЕУ. Иако се усвоени од Владата пред повеќе од еден месец, одложувањето на донесување од Собранието ја попречува неопходната реформа на јавна администрација која е главен услов на ЕУ. Нема повеќе време за губење, реформи сега и веднаш, рече Алиу.
Потврди дека денеска се слушнал со премиерот Димитар Ковачевски кој му рекол дека овие закони ќе бидат на пленарна седница на Парламентот во вторник.
Министерот од Алијанса за Албанците ја почна прес-конференцијата во Владата со порака дека „не може да има систем ако тој зависи од волјата и условувањата на индивидуи“ и дека „македонскиот систем ќе се реформира или ќе пропадне“.