Поранешниот министер за информатичко општество и администрација и член на Алијансата за Албанците што останува во коалицијата „Влен“, Азир Алиу изјави дека сè уште немало дискусија во партијата за тоа дали тој ќе биде новиот министер за здравство откако оваа позиција остана празна по оставката на претходниот министер за здравство, Арбен Таравари.
„Сè уште не сме разговарале на оваа тема. Можеби овие денови, бидејќи бевме многу активни во овој период. Граѓанинот секогаш го има последниот збор и ние бевме на терен да се консултираме со нив во врска со хаосот што се случува во нашата партија“, рече Алиу.
Неколку медиуми го споменаа неговото име во последните денови како можен кандидат за министер за здравство, откако Таравари ја напушти владината коалиција по одлуката на претседателството на АА да оди во опозиција и со свои листи на советници на претстојните локални избори.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи соопшти дека тој останува дел од Владата. Во однос на одржувањето на вонредното Собрание на АА од крилото на Таравари во петокот во Куманово каде беше разрешен, тој нагласи дека тој процес се одржувал нелигитимно оти тој како претседател на Собранието не добил покана за свикување на седница на тоа тело.