Алиу за законот за пушење: Угостителите ќе мора да направат посебен влез за непушачки дел, покривот ќе се смета за отворена страна

„Само во Скопје имаме над 7000 угостители кои имаат тераси и според структурата на градот, поголем дел од тие објекти се со таква инфраструктура и невозможно е да има три страни отворени“, вели министерот за предлог-законот

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Фејсбук/МЗ

Министерот за здравство, Азир Алиу информира дека предлог-законот против пушење во вторник ќе биде на владина седница. Потоа тоа тој ќе биде процесуиран во Собрание односно очекува да се разгледува најдоцна за месец и половина. Според Алиу, нема отворени точки кои не се завршени.

-Имавме неколку состаноци со сите страни и сите забелешки ги анализиравме. На крај, со задоволство можам да кажам дека сите прашања се затворени, по што нашата земја за брзо ќе биде препознаена по намалување со пушачите во државата.

Во однос на забелешките на угостителите, особено за условите за терасите, министерот објасни дека решенијата се темелат на препораки и анализи за квалитетот на воздухот, но и на реалните урбани услови.

-Спомнавте страните на објектите кои што сакаат да им биде место за пушење. Според СЗО, имаме дефинирани услови кои што треба да имаат чист воздух таму и оттаму направивме научна анализа кои се максималните и минималните услови за да може просторот да се третира за пушење или не. Дојдовме до заклучок, и од научната фела и експертите во здравството, дека со отворени страни на терасите, може да се дозволи пушење со оглед дека има проток на воздух. Само во Скопје имаме над 7000 угостители кои имаат тераси и според структурата на градот и другите градови, поголем дел од тие објекти се со таква инфраструктура и невозможно е да има три страни отворени. Не можете да срушите објект за да имате отворени три страни – затоа ставивме во законот да може и кровот да биде отворен и да се третира. Со третирање и на него како отворен, воздухот се чисти за неколку секунди, кажа Алиу на прес-конференција.

Новост е, како што информира министерот, угостителските објекти ќе мора да направат посебен влез кој што е одвоен од просторот каде што се пуши. Алиу е задоволен дека секој граѓанин кој што не пуши, може да влезе во објектите, без да влезе во просторот каде што се пуши.

Законот првично беше најавен дека ќе почне да се применува од 1 март, но беше одложен поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија.