Алонсо го менува Фетел во Астон Мартин

од Vladimir Zorba
227 прегледи

Фернандо Алонсо ќе го замени Себастијан Фетел во Астон Мартин за сезоната 2023 во Формула 1, соопшти денеска британскиот тим. Фетел една недела пред Големата награда на Унгарија објави дека ја завршува кариерата на крајот од актуелната сезона, додека договорот на Алонсо со Алпин истекува на крајот на 2022 година.

Интересно, досега сите знаци од Алонсо и Алпин беа дека е голема веројатноста двете страни да се разберат и двократниот светски шампион да остане во тимот.

Што се однесува до Астон Мартин, тие упорно не коментираа на темата за идната замена на Фетел, а нивниот молк траеше неколку дена, а денеска тимот на Лоренс Строл и официјално го објави доаѓањето на Шпанецот. Од Астон Мартин прецизираа дека договорот на Алонсо е за „неколку сезони“, но без да прецизираат колку. Сепак, тоа секако не е само за 2023 година.

За време на викендот во Унгарија, Алонсо дури објасни дека тој и Алпин би можеле да се договорат за неговиот нов договор за 10 минути, но ова најверојатно е последно навестување за Отмар Шафнауер и друштвото дека ја пропуштаат последната шанса да ја задржат својата голема ѕвезда.

„Сè уште имам амбиција да се борам во челото и сакам да бидам дел од тим кој е посветен да продолжи да се развива и да реди успеси во Формула 1“, прокоментира Алонсо за неговиот изненадувачки трансфер.

Веста за заминувањето на Алонсо дојде помалку од 24 часа откако шефот на Алпин коментираше дека Фернандо најверојатно ќе остане во тимот. На почетокот на оваа сезона во Алпин имаше одредена тензија поради неможноста на тимот да му понуди стартно место на Оскар Пјастри, а до вчера се мислеше дека Австралиецот ќе биде позајмен на Вилијамс за следната година за да го замени Николас Латифи.

Слични содржини