Шефот на Алпин во Формула 1, Отмар Шафнауер, ги отфрли шпекулациите дека тимот би можел да го отпушти Фернандо Алонсо, откако се покажа дека двократниот светски шампион потпишал договор со Астон Мартин и заминува на крајот на сезоната.
Алонсо ќе го замени Себастијан Фетел во Астон Мартин и токму од овој трансфер започна актуелниот хаос на договори и трансфери на возачи за следната година, како што Алпин најави веднаш по Унгарија, кога стана јасно дека Алонсо заминува, дека ќе биде заменет од Пјастри, но Оскар малку подоцна демантираше.
Шафнауер сега потврди дека Алпин одржува добри односи со Алонсо, за кого ова е трета година во тимот и Шпанецот ќе го задржи своето место до крајот на сезоната.
„Воопшто немаме таква намера, зошто би го направиле тоа“, изјави Шафнауер.
„Тој е одличен пилот и настапува на многу високо ниво. Фернандо е еден од нашите највредни адути, ако Фернандо и Естебан освојат поени на секоја трка, тоа ќе биде рецептот да се победи Мекларен во борбата за 4-то место кај конструкторите“, објасни Шафнауер.
Најдоброто рангирање на двајцата возачи на тимот оваа сезона се две петти места – Алонсо заврши петти во Силверстоун, а Окон – во Австрија. Одделно, во тешките временски услови на квалификациите во Канада, Алонсо се избори за второто место на гридот, но заврши 9-ти на трката.
Од почетокот на сезоната, Алонсо собра 41 бод, а Окон – 58.