Фернандо Алонсо пилотирал со предното крило на Мекларен од минатата година во трката на „Ред Бул ринг“, кога од последен заврши осми. Откако Вандорн скрши две предни крила на тренинзите, а Алонсо уништи едно за време на квалификациите, екипата останала без повеќе примероци од овогодинешната верзија на елементот. Се наметнал да му се постави на Фернандо крило од 2017, поради што Шпанецот беше казнет да стартува од боксот, наместо од 13-та позиција.

Откако успеа да се пробие до зоната на поени, Алонсо откри дека пред трката немал идеја како и дали старото крило ќе функционира со новиот болид.
„Не знаевме како ќе функционира болидот, немавме идеја дури под каков агол да го наместиме, бидејќи овој болид никогаш не беше тестиран со ова крило. Значи започнавме на слепо“.
По првите обиколки двократниот светски шампион се движеше 19-ти и изрази негодување на радио со зборовите: „Јас нема да возам така 71 обиколки“. По завршувањето на трката Алонсо истакна дека клучот за успехот била правилна употреба на гумите. Интересно е дека тој никогаш не разбрал на што се должи предноста на Мекларен со нив.
„По првите питстопови многу луѓе почнаа да доживуваат проблеми со абење на задните гуми. Кај нас немаше такво нешто и затоа успеавме да напредуваме во последните обиколки. Треба да разбереме зошто кај нас не се појави овој проблем и што точно сме направиле различно од останатите тимови затоа што токму во тоа се крие прогресот на патеката“.