Алпин се обидува да го ангажира Карлос Саинц

од Vladimir Zorba
458 прегледи

Иако доцна, Алпин се вклучи во битката за Карлос Саинц, кој на крајот од оваа сезона го напушта Ферари. Според motorsport.com, Алпин веќе упатил понуда до управата на шпанскиот возач.

До вчера се веруваше дека Саинц има вистински избор само меѓу два тима – Вилијамс или Заубер/Ауди, но синоќа беше потврдено дека претставниците на Шпанецот веќе преговараат со Алпин. А предлогот на тимот е дефиниран како „атрактивен“.

Алпин забележа тежок почеток на сезоната со проблематичниот А524, но во последните три старта тимот направи чекор напред и во Барселона Пјер Гасли и Естебан Окон завршија во топ 10.

Заубер е најслабиот тим оваа сезона и се уште нема бодови, а најдобриот финиш на тимот во 2024 година е 11-тото место на Големата награда на Бахреин на почетокот на кампањата. Вилијамс, пак, има 2 бода, кои дојдоа од 9-тото место на Алекс Албон во Монако.

Новиот развој во трансфер сагата Саинц доаѓа само неколку дена откако Алпин го врати во Формула 1 Флавио Бријаторе, кој сега е извршен советник на тимот и исто така ќе се занимава со изборот на возачи.

Со текот на годините, Бриаторе покажа дека претпочита да дејствува агресивно на пазарот на возачи – како што направи со потпишувањето на Михаел Шумахер во 1991 година, по само 1 старт за Германецот за Џордан. Во Алпин се очекува да остане и Пјер Гасли, што практично го потврди и Бриаторе.

Слични содржини