Постапката против раководството на Макпетрол се води на нетранспарентен начин, со мал број информации во јавноста – вели за Алсат-М Слаѓана Тасева од Транспарентност Македонија. Според Тасева, отсуството на информации остава простор за шпекулации во јавноста, особено што надлежните институции обвинуваат за незаконско работење во оваа компанија од пред речиси цела деценија.
„Сите информации во ваквите случаи, кои се од областа на економскиот криминал ги има во документите. Тие документи, документацијата од тие компании редовно се доставува до надлежните институции, преку извештаи, постапки на ревизија, и не верувам дека тоа досега не може да биде констатирано во некаков извештај и дека до тие информации се дошло токму денеска и затоа е потребно издржано објаснување зошто вака се постапува и зошто сега“, вели Тасева.
За дел од јавноста ова е политички монтиран случај, чија цел под превезот на даночно затајување, Телма чиј сопственик е Макпетрол да ја доживее истата судбина како А1 телевизија.
„Ова ме потсетува на приказната на владата за време на оркестрираниот напад врз сопственикот на телевизијата „А1“ и на неговите бизниси. И тогаш телевизијата „А1“ немаше прашања, се сеќавам кога г. Горан Трајковски заедно со Иво Котевски одеа мечки по сите телевизии, не во „Сител“, не во „Канал 5“ и ја кажуваа оваа приказна. Не е прашање со „А1“. И сега се обидуваат да дефокусираат јавноста. Не е „Макпетрол“, не е „Телма“, туку се акционерите. Ова е само една чиста лага, според мене. Очигледно е, самиот факт дека поминаа девет години, ова е направено во 2006 година, случајот за кој обвинува владата, во меѓувреме ги сменија законите, дури и за неколку работи за кои се обвинува „Макпетрол“, како што јас сфаќам, се поврзани со измените на законот. Вие не можете да спроведете нов закон ретроактивно.. “, вели Петрит Сарачини од МИМ.
„Веднаш штом се појави оваа информација, првата асоцијација беше дали ќе се повтори случајот на А1 Телевизија, и се разбира не може да се одбегне тој впечаток и тоа уште повеќе го засилува барањето на институциите да бидат транспарентни и да кажат зошто досега не постапувале, што биле причините и зошто сега во овој момент се отвора оваа постапка“, вели Тасева.
Од Јавното обвинителство засега не соопштуваат нови детали за случајот со Макпетрол. Во меѓувреме, по нивен налог сметките на компанијата се замрзнати и е доведено во прашање нормалното функционирање на компанијата во која се вработени речиси 3000 лица.
извор: Алсат-М
