Денеска продожува собраниската Комисија за финансирање и буџет со амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, во рамките на 38-та седница. Досега се разгледани 13 од вкупно предложените 204 амандмани и ниту еден од разгледаните не беше усвоен.
Ова е шестиот од вкупно десет дена, кои се предвидени според Деловникот за расправа во матичната Комисија.
Вкупно се поднесени 204 амандмани,од кои над 170 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на парламентарното мнозинство.
Пратениците од опозицијата и од власта досега имаа спротивставени ставови. Од опозицијата велат дека преку предложените амандмани, тие се обидуваат да ги подобрат условите за живот на граѓаните и граѓаните помалку да ја почувствуваат енергетската криза. Владејачкото мнозинство, е со став дека, проектираната калкулација во ребалансот ќе обезбеди заштита на стандардот на граѓаните и совладување на предизвиците.