Компанијата „Амазон“ ги следи и ги казнува своите вработени во САД затоа што не поминуваат доволно време во канцелариите на компанијата, пишува „Гардијан“.
Весникот наведува дека во електронската пошта, што „Амазон“ ја испрати во средата до некои вработени, предупредува дека тие „во моментов не ги исполнуваат очекувањата да им се придружат на своите колеги во канцеларијата најмалку три пати неделно“.
„Фајненшл тајмс“ (ФТ) имаше увид во тие мејлови, а за нив се разговараше и на анонимната платформа Блинд.
„Амазон“ е последен во низата работодавачи кои сакаат да ги поттикнат работниците да се вратат во канцеларијата, но оваа политика предизвикува незадоволство.
Во март, „Епл“ почна да се заканува со казни за работниците кои не се враќаат во канцеларија со скратено работно време, а Елон Маск веднаш по преземањето на „Твитер“ побара од вработените да поминуваат полно работно време во канцеларијата.
Пандемијата на коронавирус принуди голем дел од работната сила да работи од дома, вклучително и работниците во технолошкиот сектор.
Според студијата на агенцијата „Морнинг Кансалт“, во мај 2022 година, 48 отсто од вработените во технолошкиот сектор изјавиле дека работат од далечина, а било утврдено дека најголемиот дел од технолошките работници, 85 отсто, сега работат целосно од далечина.
Работниците не се заинтересирани да се вратат на стариот начин на живот пред пандемијата на коронавирус, се додава во студијата, бидејќи тројца од пет технолошки работници рекле дека не сакаат да се вратат во канцеларија со полно работно време.