Во порака до извршниот директор на Универзитетската болница за активен третман и итна медицина „Н. И. Пирогов“ – д-р Валентин Димитров, амбасадорката на Македонија, Агнеса Руси Поповска изразила благодарност за спасувањето на најтешко повредените деца и млади луѓе во пожарот што избувна во Кочани. Ова го соопштила тамошната медицинска установа. Амбасадорката Поповска изразила најдлабока благодарност за посветеноста и заложбата на медицинските лица кон повредените македонски пациенти.
-Болницата, како и цела Бугарија, ги пречека нашите повредени сограѓани со отворени раце и срца. Вашиот брз одговор и подготвеност да помогнете беа зрак светлина во овие исклучително тешки времиња за сите нас, додала Поповска во пораката.
„Исклучителната грижа што ја пружија вашите тимови, хуманиот став и професионалниот третман на повредените пациенти што им го пруживте во моментите на најголема потреба, беа клучни за нивното закрепнување и безбедно враќање дома. Со вашата посветеност, ги надминавте границите на медицинската грижа и поставивте пример за хуманост, сочувство и пријателство. Македонскиот народ секогаш ќе ја памети солидарноста и несебичноста што ја покажавте“, посочила Поповска во своето обраќање.
На 16 март 2025 година, осум повредени лица беа транспортирани и хоспитализирани во „Пирогов“ по трагедијата во Кочани. Неколку дена подоцна, едно младо девојче исто така било примено со полесни повреди и отпуштено по неколкудневна хоспитализација. По инцидентот во Кочани, 14 од повредените биле транспортирани во Бугарија со амбулантни возила и воениот транспортен авион „Спартан“, а шестмина биле хоспитализирани во болниците во Пловдив и Варна.
На 15 мај, последниот од осумте повредени примени на лекување во „Пирогов“ бил отпуштен и се вратил во Македонија.