Амбасадорот на САД во ОБСЕ бара независна истрага за содржината на „бомбите“

од Vladimir Zorba
109 прегледи

Објавувањето на прислушуваните разговори, како и содржината во нив, кои вклучуваат и измами поврзани со изборите, закани врз медиумите, и корупција, се директно поврзани со верноста на Македонија кон заложбите на ОБСЕ, се вели во одговорот на американскиот амбасадор во ОБСЕ, Даниел Баер упатен кон македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, објави НОВА.

обсе

Попоски денеска при обраќањето на редовниот состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена, во однос на разговорите во Брисел на 10 јуни, рече дека Македонија демонстрирала капацитет за дијалог во кој сите политички чинители треба да се однесуваат одговорно со цел да се надминат актуелните предизвици.

Мисијата на САД во ОБСЕ вели дека е неопходно да има независна, транспарентна и непристрасна истрага за содржината на „бомбите“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„Владата, иако не е единствениот чинител на политичката криза, таа има особена одговорност поради нејзиниот статус на моќ. Затоа Владата треба да направи прогрес во некои клучни реформи без оглед на статусот во кои се разговорите кои ги води со опозицијата. Го повикуваме премиерот Никола Груевски да започне со работа веднаш. Во исто време го повикуваме Заев да се врати во конструктивна заложба. Политичките лидери им должат на граѓаните да работат заедно за да се најде решение за кризата“, се вели во одговорот на Баер.