На денешен ден – 9 март MTE1ODA0OTcxODEyMjI2NTcz

1074.- Папата Гргур Семди нареди сите женети римокатолички свештеници да бидат исфрлени од Црквата.

1454.- Во Фиренца е роден Америго Веспучи, италијански морепловец, кој пловејќи под шпанско знаме стигна до бреговите на Бразил и Хондурас. Тој беше уверен дека открил “нов свет”, што се наоѓа меѓу Европа и Азија. Според неговото име, новиот континент го доби името Америка. Умре во Севиља, на 22 февруари 1512 година.

1661.- Умре Жил Мазарен, истакнат француски политичар од италијанско потекло, кој по смртта на кардинал Ришелје стана министер за време на регентството на кралицата Ана. Како еден од највештите дипломати на своето време, тој ги постави темелите врз кои Луј Четиринаесетти ја градеше хегемонистичката политика на Франција кон Европа. Роден е во 1602 година.

1715.- Португалија го ратификува договорот за мир, склучен во Утрехт, со кој е означено завршувањето на војната против Шпанија.

1749.- Роден е Оноре Габриел Мирабо, француски политичар и државник. Како најдобар говорник за време на Француската револуција придонесе за победата на Уставотворното собрание над кралот. Убиен е на 2 април 1791 година.

1814.- Во Моринци, Киевска Губернија, е роден Тарас Шевченко, најголемиот украински поет, основоположник на новата украинска литература. Поради патриотизмот беше протеран во Сибир, каде што мина повеќе години. Голем број негови дела се најдоа на удар на царската цензура. Најпознати дела му се поемата „Ајдамари“, збирката поеми и песни „Кобзар“ и романите „Кнегиња“, „Музикант“ и „Уметник“. Умре во Санкт Петербург, на 10 март 1861 година.

1831.- Кралот Луј Филип ја основа француската легија на странци, со седиште во Алжир.

1851.- Умре Ханс Кристијан Ерстед, дански физичар, пронаоѓач на магнетниот ефект на електричната енергија и основач на науката и електромагнетизмот. Роден е во 1777 година.

1852.- Во селото Лазарополе, Гостиварско, е роден Исаија Мажовски, борец за ослободување на Македонија од турското владеење. Умре во Софија, во 1926 година.

1885.- Родена е руската балерина Тамара Платоновна Карсавин, една од најголемите уметнички на класичниот балет во првата половина на 20. век. Заедно со Ана Павловна и Валцав Нижински беше меѓу главните ѕвезди на Рускиот балет Сергеј Ѓагиљев, во Императорскиот балет во Петроград, настапувајќи како примабалерина, а гостуваше и на сцените во Париз и во Лондон, каде во 1928 година основа балетска школа. Запаметена е како незаменлива партнерка на Нижински во балетот „Сонот за ружите“, и по сјајните рољи во балетите „Шехерезада“, „Фантастичен дуќан“.

1888.- Умре германскиот цар Вилхелм Први Фридрих Лудвиг, кој му помагаше на канцеларот Ото фон Бизмарк „со крв и железо“ да ја обедини Германија. Беше руски крал од 1861, а во 1871 година стана прв цар на новосоздаденото Германско царство.

1890.- Роден е советскиот државник Вјачеслав Михајлович Скрјабин, познат како Вјачеслав Михајлович Молотов, шеф на советската дипломатија од 1939 до 1949 и од 1953 до 1956 година. Тој беше еден од основачите на весникот „Правда“. Во 1957 година беше тргнат од власта заради искажаниот „антипартиски став“, беше исклучен од Централниот комитет на Комунистичката партија и сменет од сите функции.

1893.- Умре францускиот теоретичар на уметноста, историчар и филозоф Иполит Тен, кој настојуваше да внесе позитивни методи и изучување во литературата, уметноста и општеството. Дела: „Историја на англиската книжевност“, „Филозофија на уметноста“, „За интелигенцијата“, „Создавањето на современа Франција“.

1916.- Германија во Првата светска војна и објави војна на Португалија.

1918.- Умре германскиот писател Франк Ведекинд. Дела: драмите „Пролетно будење“, „Маркиз фон Кајт“, „Пандорината кутија“, „Музика“, „Цензура“, песните „Четирите годишни времиња“.

1919.- Британците го депортираа на Малта водачот на египетскиот пакт за независност Саад Заглул.

1924.- Италија ја анектира Риека.

1924.- Во Гостивар е роден Панче Поповски, народен херој на Југославија, од Македонија. Загина во борба против германските и балистичките сили кај селото Татар Елевци, Дебарско, на 9 јули 1944 година.

1934.- Роден е Јуриј Гагарин, советски космонаут. Тој е првиот човек кој изврши космички лет во вселената (12 арпил 1961 година), по што, по 108 минути престој, успешно се спушти на Земјата по поминати 41.000 км. Загина во авионска несреќа, на 27 март 1968 година.

1942.- Јапонските инвазиски сили во Втората светска војна го зазедоа централниот индонезиски остров Јава. Индонезија тогаш беше холандска колонија, како Холандска Источна Индија.

1943.- Во Чикаго е роден  американскиот велемајстор Роберт „Боби“ Џејмс Фишер, 11-тиот првак на светот во шах, прв Американец кој ја освои оваа титула. Умре во Рејкјавик, Исланд, на 17 јануари 2008 година.

1945.- Американските сили во Вторта светска војна го зазедоа Бон.

1966.- Франција соопшти дека има намера да ги повлече своите трупи од НАТО и дека ќе побара воените инсталации на овој Пакт да се отстранат од нејзината територија.

1987.- Техеран го обвини Багдад дека користи хемиско оружје во Иранско-ирачката војна.

1989.- Властите во Варшава официјално ги обвинија советските служби за безбедност за ликвидирање на повеќе од 4.200 полски офицери во Катинската шума во пролета 1940 година.

1992.- Умре поранешниот премиер на Израел Менахеи Бегин, прв израелски државник кој потпиша договор со некоја од арапските земји. По разговорите во Кемп Дејвид со египетскиот претседател Анвар ел Садат и  со претседателот на САД Џими Картер, во 1977 година во Вашингтон е потпишан мировниот договор со Египет. Заедно со Садат  во 1978 година ја поделија Нобеловата награда за мир.

1994.- Терористите на Ирската републиканска армија го изведоа првиот од серијата минофрлачки напади на лондонскиот аеродром „Хитроу“.

1995.- Владата на Република Естонија донесе одлука за воспоставување дипломатски односи со Република Македонија на амбасадорско ниво.

1999.- Претседателот на Иран Мохамед Катами допатува во посета на Италија. Тоа е прва посета на Запад од страна на шеф на иранска држава по исламската револуција во 1979 година во оваа земја.

2000.- НАТО ги отфрли извештаите дека шпион внатре во воениот сојуз ги снабдувал Србите со тајните детали во текот на агерсијата на НАТО на Југославија во пролетта 1999 година.

2003.- Европската унија отвори дипломатско претставништво во кубанската престолнина Хавана.

Извор МИА

Слични содржини