Американскиот заменик државен секретар Венди Шерман предупреди дека САД ќе го искористат целиот свој вооружен потенцијал, вклучително и конвенционални и нуклеарни проектили за да ги заштитат своите сојузници Јужна Кореја и Јапонија.
Шерман, на заедничката прес-конференција во Токио со претставници на Јапонија и Јужна Кореја, посочи дека честото истрелување на балистички ракети во последните недели е провокација од Северна Кореја, пренесува АП.
„Ја повикуваме Северна Кореја да се воздржи од дополнителни провокации“, рече Шерман, нарекувајќи ги дејствијата на Пјонгјанг „непромислени и длабоко дестабилизирачки за регионот“, пренесе Танјуг.
Првиот заменик-министер за надворешни работи на Јужна Кореја Чо Хјун-Донг рече дека претставниците на трите земји се согласиле дека ќе бидат потребни нови акции доколку Северна Кореја продолжи со нуклеарната проба.
Северна Кореја годинава истрела повеќе од дваесет балистички ракети, вклучувајќи ја и онаа што ја прелета Јапонија, потсетува британската агенција.