Српскиот лидер во Босна и Херцеговина, Милорад Додик продолжи да ѝ пркоси на американската администрација откако американската Канцеларија за контрола на странски средства (OFAC) вчера ги прошири санкциите на 13 поединци и една компанија, сметајќи дека се поврзани со финансирање на мрежата на Додик и за прославување на неуставниот ден на Република Српска.
Реагирајќи на социјалната мрежа Х, Додик одлуката на OFAC ја нарече одмазда на администрацијата во заминување на претседателот Џо Бајден непосредно пред инаугурацијата на новиот претседател Доналд Трамп.
„Светот само по лошо ќе ги памети. Република Српска нема да се откаже од своите принципи и нема да клекне пред неправдата. Нашата политика, заснована на суверенитет, христијански вредности и правото на секој народ сам да одлучува, се покажа како правилна“, рече Додик.
Тој најави дека во понеделник комерцијалните банки ќе треба да отворат сметки за сите санкционирани функционери, што досега одбиваа да го направат.
Ќерката на Додик, Горица, чиј сопруг Павле Ќоровиќ е исто така меѓу санкционираните, на социјалните мрежи објави порака со примеси на сарказам.
„Мојот сопруг, честитки за санкциите, сега и двајцата сме официјално на црната листа“, напиша таа.