Се очекува дека САД ќе вклучат ракети со многу поголем дострел од претходно во новиот пакет воена помош за Украина, потврдија неколку американски претставници за Си-Ен-Ен. Пакетот воена помош треба да вклучува и наведувана ракета од типот GSDB (Ground-launched Small Diameter Bomb), која има дострел од околу 145 километри.
Тој тип на проектил, кој може да биде истрелан од повеќецевен ракетен фрлач од типот HIMARS што Украина го доби од Запад претходно, практично би го удвоил дострелот на украинската артилерија. Сепак, во пакетот нема да бидат вклучени ракетите ATACMS кои имаат дострел поголем од 320 километри, а кои Украина ги бара веќе подолго време.
Америка, да потсетиме, постојано ги отфрла барањата на Украина за оружје со долг дострел во страв дека тоа би можело да биде искористено за гаѓање цели длабоко на руска територија.
Тоа е првиот пакет воена помош откако американскиот претседател Џо Бајден минатиот месец потврди дека ќе испрати 31 напреден американски тенк од типот Абрамс во Украина. Таа одлука е донесена во координација со европските земји, кои пак ќе ја снабдуваат Украина со тенкови Леопард 2.