Америка испраќа уште милијарда долари воена помош за Украина

од Nikola Popovski
284 прегледи

САД најверојатно денеска ќе објават дека ќе испратат дополнителна воена помош за Украина, вредна околу милијарда долари, со цел да му помогнат на Киев во борбата против руската офанзива во регионот на Донбас, соопштија неименувани американски претставници.

Ова ќе биде најголема поединечна испорака на оружје и воена опрема за Украина од почетокот на руската инвазија на таа земја на 24 февруари.

Официјални лица рекоа дека помошта треба да вклучува противбродски ракетни фрлачи, хаубици и муниција за високомобилни артилериски ракетни системи (HIMARS), за кои американските војници ги обучуваат украинските сили.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди денеска во Брисел, на средбата со претставници на повеќе од 45 земји на тема поддршка за Украина, дека Западот мора да го зголеми доставувањето на оружје за Киев.

„Мораме да ја интензивираме нашата заедничка посветеност на самоодбраната на Украина и мораме да направиме уште повеќе за да обезбедиме Украина да се брани себеси, своите граѓани и својата територија“, рече Остин.

Состанокот, во кој учествува и украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, се одржува на првиот ден од дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во седиштето на алијансата во Брисел.

Слични содржини