Во рамки на кратка, но значајна средба во Ватикан, американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа за иднината на Крим, мировниот процес и стратешките економски договори меѓу двете земји, пренесе американскиот портал „Аксиос“.
Според неименувани дипломатски извори, Зеленски за време на состанокот повторил дека Украина не го признава Крим како дел од Руската Федерација. Трамп, од своја страна, нагласил дека не очекува Украина да го стори тоа. Наместо тоа, како што се наведува, планот е Соединетите Американски Држави самите да го признаат Крим како руски, без директно учество или согласност од Украина.
Зеленски му посочил на Трамп дека е подготвен да прави отстапки со цел да се стави крај на конфликтот, но нагласил дека за тоа се потребни силни безбедносни гаранции. Украинскиот лидер ги искористил своите 15 минути со Трамп за да го повика на поцврст став кон рускиот претседател Владимир Путин и да ја врати на агендата приоритетната цел за воспоставување прекин на огнот.
Дополнително, според еден од изворите, Трамп извршил притисок врз Зеленски што поскоро да се финализира договор за соработка во областа на ретките минерали меѓу САД и Украина, што би имало значително економско и геополитичко значење за обете страни.
„Станува збор за одлична средба. Зеленски не сакаше да презема никакви ризици“, изјавил еден од изворите запознаени со разговорот.
Средбата се одржа на денот на погребот на папата Франциск и дојде во критичен момент – откако Вашингтон се закани дека ќе ги прекине напорите за посредување во украинскиот конфликт, а Трамп остро реагираше на неодамнешните изјави на Зеленски во врска со руската контрола врз Крим.