Едноставна жолта белешка изгледа докажува дека Вашингтон го шпионирал германското Министерство за одбрана.Тој документ доаѓа од пакет извештаи на американската тајна служба кои стигнаа до јавноста, пишува Дојче веле (DW). Тие, наводно, биле пуштени во оптек од дваесет и едногодишен припадник на американската Национална гарда. Во овој случај, документот заеднички го анализираа уредниците на неделникот „Цајт“ и телевизискиот политички магазин „Контрасти“.
„Германското Министерство за одбрана одбива да ја продлабочи соработката со Народна Република Кина, додека Кина не стане транспарентна“, стои во преводот на англискиот наслов на краткиот извештај, кој најверојатно го подготвила американската тајна служба.
По кратко време таа белешка повторно исчезна од Интернет. Двете германски редакции го анализираа документот и го сметаат за автентичен. Сепак, само претставници на американската влада можат да потврдат дека тоа е нивен документ. Германските новинари испратија прашања до координаторот на американското разузнавање, но засега нема одговор. Според изјавите на новинарите од редакцијата на неделникот „Цајт“ и телевизискиот магазин „Контрасти“, овој случај во меѓувреме почнал да ги преокупира германските безбедносни власти.
Содржината на документот не е толку чувствителна колку што е фактот дека Вашингтон се уште спроведува шпионски активности во германските владини институции. Уште во 2013 година беше откриено дека Вашингтон во голем обем слушал и читал преписки во Германија.
Строго доверлив документ
Над краткиот извештај има голем број оценки, меѓу кои е „TS“ (top-secret – строго доверливо), што во разузнавачката комуникација е ознака за исклучително чувствителни документи кои неовластени очи никако не треба да ги видат. Како извор е наведен „SI“ (signal intelligence), односно електронско следење на комуникацијата. Ознаката покажува дека податоците можеби се добиени од е-пошта или со хакирање на некој комуникациски систем во германското Министерство за одбрана.
Американските разузнавачи споменуваат средба што се одржа на 20 февруари во Берлин кога претставници на Министерството разговараа со делегација на кинеските вооружени сили. Владини кругови потврдија дека средбата се одржала, а според нив таа била дел од нормалната воена дипломатија и се одржала во координација со другите ресори на германската влада.
Германската страна ја претставуваше надлежно службено лице на помошното одделение „Политика II“. Се разговараше за војната во Украина, тензиите околу Тајван и воената поддршка за Обединетите нации. Во разговорот германската страна наводно јасно го искажала ставот дека кинеската страна мора да стане транспарентна пред да ја продлабочи соработката.
Кинеската „шармерска офанзива“
Во документот се наведува дека Германците се свесни дека Кинезите спроведуваат „шармерска офанзива“ на европската турнеја бидејќи американскиот притисок врз Кина е зголемен. Дополнително, весникот наведува дека Германците ја гледаат својата позиција како потврда за германската солидарност со Соединетите Американски Држави. Американската шпионажа изгледа особено апсурдна, кога се знае, а тоа го дознаа и новинарите на две германски редакции, дека германската страна официјално ја известила американската амбасада во Берлин за разговорите со Кинезите.
Според информациите до кои дојдоа новинарите, пристап до тој документ има и германската влада. Сè уште не е јасно како германската влада ќе реагира на можноста да биде изложена на шпионажа на сојузниците. Новинарите неофицијално дознаваат дека ставот на Берлин ќе зависи од тоа како Вашингтон ќе реагира на случајот.
Германската влада е свесна за фактот дека Германија зависи од знаењето на американските тајни служби. Покрај тоа, Берлин не сака да ги заостри односите со САД за време на војната во Украина.
„Пријателите никогаш не се слушаат еден со друг“
„Ова е релевантна процедура, а Ангела Меркел еднаш рече: Пријателите не се слушаат меѓусебно под никакви околности“, го коментира целиот случај политичарот на Зелените, Константин фон Ноц. Сепак, тој нагласува дека прво мора да се разговара со Американците и да се разјасни како дошло до наводната шпионажа.
Густав Гресел од берлинскиот тинк-тенк Европски совет за надворешни односи (ЕЦФР) не е изненаден од можноста Вашингтон да ја шпионира германската престолнина, бидејќи според него, таа има традиција. Гресел веројатно имал средба со истата кинеска делегација само еден ден по германско-кинеските преговори.
„Американците“, вели тој, „обележаа строго доверливи информации што можеше да се добијат со јавување на телефонскиот број на Фондацијата за наука и политика или со учтиво прашување во Министерството за одбрана“.
Експертот бара „промена на епохите“ и во контрашпионажата
Сепак, Гресел смета дека е проблематично што Германија се гледа себеси како „разузнавачки непливач“ и што не се заштитува доволно. Според него, информациите добиени од американските разузнавачи веројатно се лесно достапни за разузнавачките служби на помалку пријателски нации како Русија и Кина.
„Прашањето за одбрана на разузнавањето сè уште не стигнало до дискусија за промена на епохите. Неопходно е германската јавност да има доверба во сопствените институции кога станува збор за надлежностите на германските тајни служби и за подобрување на контраразузнавачките способности во Германија. Се надевам дека ќе стигнеме, но не сме ни блиску до целта“, заклучува Густав Гресел.