Пекинг денеска ја осуди одлуката на САД да го соборат кинескиот балон што леташе над САД неколку дена, обвинувајќи го Вашингтон дека реагира на очигледно прекумерен начин и „сериозно ја крши меѓународната практика“.
„Кина изразува силно незадоволство и протест поради употребата на сила од САД“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека „го задржува правото“ да возврати.
Американски борбен авион собори кинески балон кој неколку дена леташе над САД и чие присуство претставува „неприфатливо кршење“ на суверенитетот на САД, изјави синоќа американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
Остин изјави дека балонот бил соборен над американската сојузна држава Јужна Каролина, по наредба на американскиот претседател Џозеф Бајден и додаде дека за Бајден „безбедноста на Американците секогаш ќе биде приоритет“.
Бајден им честиташе на пилотите за „успешната изведба“ на деликатната операција. Тој рече дека во средата дал наредба да се собори балонот што е можно поскоро, но дека Пентагон сакал да почека побезбедно место за да го направи тоа за да избегне евентуално оштетување на земјата при евентуален пад на делови од балонот.
Тој случај предизвика засилени тензии меѓу Вашингтон и Пекинг.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во петокот ја откажа посетата на Пекинг, која требаше да ги смири односите со Кина.
Пекинг призна дека балонот е кинески, но даде уверување дека собира метеоролошки податоци.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска изјави дека „јасно побарало од САД правилно, смирено, професионално и воздржано да управуваат со ситуацијата“.
„Пекинг решително ќе ги заштити легитимните права и интереси на компаниите погодени“ од инцидентот, додаде Министерството.