Бројот на загинати Украинци е драстично зголемен, според последната проценка на неименувани американски официјални лица. Дописникот на Би-Би-Си Квентин Сомервил беше на линијата на фронтот во источна Украина, каде мрачната задача за броење на мртвите стана секојдневна рутина.
Украина не ја објавува официјалната бројка на воените жртви бидејќи ја сметаат за државна тајна, но се знае дека загубите се огромни.
Податоците остануваат доверливи, но американските власти, цитирани од „Њујорк Тајмс“, неодамна објавија дека бројката е 70.000 загинати и дури 120.000 повредени. Тоа е неверојатна бројка за вооружените сили кои се проценуваат на само половина милион војници. До денес, ОН регистрирале 9.177 цивилни жртви.
Во април протекоа проценки од Пентагон кои зборуваат за многу помала бројка од 17.500 украински жртви. Наводниот скок на повеќе од 70.000 може делумно да се објасни со контраофанзивата на југот.
„Во првите денови беше особено тешко за украинската пешадија – полошо отколку во Бахмут“, изјави за Би-Би-Си командант на бригадата кој се бори таму. Градот Доњецк падна во рацете на Русија во мај во една од најкрвавите битки во војната досега.
Украина сега ја смени тактиката, но почетокот на обидот за пробивање на руската одбрана во јуни на југот на земјата беше скап, особено за младите, новообучени војници. Тие умираа „на десетици“ секој ден, изјави за Би-Би-Си во јуни висок водник кој се бореше околу селото Велика Новосилка во Доњецк.
Украинската заменик министерка за одбрана Хана Маљар претходно предупреди дека оние кои ќе го објават бројот на жртвите ќе бидат кривично гонети.
„Зошто се тајни овие податоци?“, реторички се прашала таа. „Бидејќи за време на активната фаза на војната, непријателот го користи бројот на загинати и ранети за да ги пресмета нашите веројатни понатамошни дејствија… Доколку непријателот ги има овие информации, тој ќе почне да разбира некои од нашите следни чекори“, посочи таа.
Вкупните загуби на Русија се далеку поголеми – околу 120.000 мртви – според најновата американска проценка. Но, нивната војска и население се многу побројни. Украинските војници на фронтот велат дека способноста на Русија да „апсорбира болка“ изгледа неограничена.