Во четвртокот американската корпорација Friedkin Group официјално стана мнозински сопственик на англискиот премиерлигаш Евертон. Условите за продажба на Евертон на Групацијата од страна на сегашниот сопственик, Фархад Мошири и неговата компанија Blue Heaven Holdings беа договорени уште во септември, а сега се потврдени, со што корпорацијата со седиште во Тексас стана 98,8 отсто сопственик на Евертон.
Евертон е вториот европски фудбалски клуб во сопственост на групата Фридкин, која претходно ја купи и италијанската Рома.
„Денес е посебен и горд ден за Friedkin Group бидејќи стануваме чувари на овој култен клуб. Посветени сме да го водиме Евертон во нова возбудлива ера и на теренот и надвор од него“, објави Марк Вотс, кој ќе ја преземе функцијата извршен претседател на клубот.
Претходниот сопственик на Евертон, Фархад Мошири, пристигна во клубот во 2016 година кога купи 49,9 отсто од акциите на клубот за да го зголеми сопственичкиот удел на 94,1 отсто во јануари 2022 година. Под негово водство, тимот секоја сезона очајно се бореше да остане во Премиер лигата, па навивачите на Евертон ја поздравија продажбата.