„САД остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и евроатлантската интеграција на Северна Македонија“. Ова го посочуваат од американската амбасада во Скопје како одговор на прашања за ставот на дипломатската мисија откако новоизбраната претседателка, Гордана Силјановска-Давкова не го употреби уставното име на државата за време на нејзината заклетва во Парламентот.
„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја нагласуваме важноста од почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на земјата кон полноправно членство во Европската Унија“, соопштиле од Амбасадата на САД во земјава, како одговор за дел од медиумите.
Амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду, вчера ја напушти собраниската сала откако Силјановска положи заклетва без да го изговори уставното име на државата, кое произлегува од Договорот од Преспа. Амбасадорката на САД, Анџела Агелер беше меѓу амбасадорите присутни на инаугурацијата.
Министерството за надворешни работи на Грција го оцени однесувањето на Силјановска како отворено кршење на Договорот од Преспа, а претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја предупреди Македонија да го почитува Договорот од Преспа.
„Провокативната одлука на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со друго име е незаконска и неприфатлива иницијатива. Ова е чин со кој се крши Договорот од Преспа и самиот Устав на нејзината земја. (Овој чин) ја поткопува и нејзината иднина, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел“, напиша грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на својот Фејсбук-профил.
Портпаролот на ЕК денеска истакна дека ЕУ очекува Скопје со добра волја да ги спроведе договорите со Софија и Атина.
Претходно нашето Министерство за надворешни работи ги повика политичарите во земјата, „особено избраните државни функционери“ да бидат внимателни во однос на почитувањето на договорот од Преспа, уставните одредби и сите меѓународни обврски што ги презема земјата.
Од кабинетот на Силјановска испратија соопштение според кое заклетвата е потпишана со уставното име Република Северна Македонија, но во нејзините јавни настапи таа „има право да го користи името Македонија како чин на лично право на самоопределување и идентификација, почитување на основните човекови права и слободи и во согласност со европските вредности и принципи“.