Американската потпретседателка Камала Харис пристигна во Јужна Кореја, каде ќе ја потврди силата на сојузот меѓу Вашингтон и Сеул, ден по новите балистички тестови на Северна Кореја.
Авионот на Камала Харис слета на аеродромот Осан, 70 километри јужно од Сеул, објави новинар на AFP.
Американската потпретседателка пристигнува од Токио, каде присуствуваше на погребот на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, кој беше убиен додека држеше говор.
Предвидено е Харис да се сретне со јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол и да ја посети добро утврдената демилитаризирана зона што ги дели двете Кореи.
Камала Харис ќе разговара со претседателот Јун за долгогодишниот безбедносен сојуз на двете земји, зајакнувањето на економската и технолошката соработка и голем број други регионални и глобални прашања, соопшти нејзиниот кабинет.
Сеул ќе ја изрази својата загриженост поради новиот закон потпишан од американскиот претседател Џо Бајден со кој се укинуваат субвенциите за електричните автомобили произведени надвор од САД, што ќе ги погоди јужнокорејските производители како Hyundai и Kia.