Американската стопанска комора во Косово бара укинување на забраната за увоз од Србија

од Radmila Tasevska
260 прегледи

Американската стопанска комора во Косово (АСКК) побара од владата на Албин Курти итно да ги преиспита мерките, воведени во јуни годинава, со кои се забранува увозот на стоки од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението што денеска го достави до медиумите, АСКК оценува дека со одлуката на владата во Приштина „се попречуваат меѓународните комерцијални интереси, преку ограничување на прометот на стоки од светски познати брендови“.

Американската комора соопшти дека влијанието на оваа одлука во голема мера ги погодува меѓународните компании, вклучително и оние од Соединетите Американски Држави.

Според официјалните податоци на кои се повикува Комората, „увозот од компании со значителна американска сопственост е намален за над 39 отсто во споредба со 2022 година, што го истакнува значителното влијание што сегашните мерки на Владата на Косово го имаат врз меѓународните претпријатија“.

„Податоците откриваат тмурна реалност; увозот поврзан со американски компании се намалува со алармантен ритам. Понатаму, секоја трговска бариера, како што е оваа забрана, неминовно ги зголемува потрошувачките цени, дополнително оптоварувајќи ги буџетите на косовските семејства. Дотолку повеќе, во услови кога Косово веќе ја укина забраната за увоз на суровини и полуфинални производи од Србија, бесмислено и иронично е да остане на сила мерката со која се забранува увоз на стоки што претставуваат меѓународни комерцијални интереси“, се наведува во соопштението.

Американската комора цени дека економската нормализација на Косово и Србија „ги надминува билатералните интереси“.

„Постојано залагајќи се за отворена и урамнотежена трговска политика, АСКК бара брзи и решителни активности кои ќе го поддржат економскиот раст, просперитетот и регионалната хармонија“, се вели во соопштението.

Владата на Курти одлучи да го запре увозот од Србија како економска мерка по киднапирањето на тројца косовски полицајци на територијата на земјата од страна на српските сили во јуни оваа година.

Слични содржини