Американски авиони погодија три објекти во Ирак: „Ударите беа извршени по наредба на Бајден“

од Stefanija Kuzmanovska
274 прегледи

Американски авиони погодија три објекти во Ирак, од чии локации милициите поддржани од Иран извршија напади врз американската база, потврди министерот за одбрана Лојд Остин.

Тој истакна дека нападите во Ирак биле извршени по наредба на претседателот Џо Бајден и дека цел биле објектите кои ги користела групата Катаиб Хезболах и другите ирачки групи поврзани со Иран.

„Овие прецизни напади се директен одговор на серијата напади врз персоналот на САД и коалицијата во Ирак и Сирија од страна на милициите спонзорирани од Иран“, рече Остин.

Американските напади ги погодија објектите на милицијата во Џурф ал-Сахар, јужно од Багдад, во Ал Каим, како и на друга неименувана локација во западен Ирак, наведе АП.

Американските напади врз локациите на Катаиб Хезболах дојдоа неколку часа откако милитантите ја нападнаа американската воздухопловна база Ал Асад со два дрона, при што беа повредени неколку американски воени лица и оштетена инфраструктура.

Централната команда на САД соопшти дека цел биле штабовите на Катаиб Хезболах, магацините и местата за обука за ракети и дронови.

Во нападите со беспилотни летала врз Ал Асад во вторникот, американската одбрана успеа да го пресретне првиот дрон, но тој се урна врз базата, додека вториот ја погоди базата, соопштија американските власти.

Ал Асад е голема воздушна база во западен Ирак каде американските војници ги обучуваа ирачките безбедносни сили и сега ги координираат операциите за спротивставување на Исламската држава.

Коалицијата на милиции која себеси се нарекува „Исламски отпор во Ирак“ ја презеде одговорноста за повеќекратните напади врз американските сили.

Катаиб Хезболах е една од групите во рамките на таа чадор организација.

Слични содржини