Американскиот двоен шпион кој работел за Русија, Роберт Хансен, бил пронајден мртов во затвор во Денвер, Колорадо.
Хансен бил агент на Федералното биро за истраги (ФБИ), а во 1985 година почнал да испраќа доверливи информации до тогашниот Советски Сојуз.
На веб-страницата на ФБИ се наведува дека тој „компромитирал бројни човечки извори, контраразузнавачки техники, истраги, десетици доверливи документи на американската влада и технички операции од исклучителна важност и вредност“.
Иако повремено се сомневале во неговите активности, тој не бил фатен со години, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на Би-Би-Си.
Откако ФБИ го уапси шпионот Олдрих Хазен Ејмс во 1994 година, и откако беше утврдено дека информациите сè уште стигнуваат до Москва, Бирото ја интензивираше истрагата за Хансен.
Осуден на доживотен затвор
Наскоро требаше да биде пензиониран, па ФБИ брзо реагираше во обид да го фати „на дело“.
„Она што сакавме беше да добиеме доволно докази за да го осудиме, а крајната цел беше да го фатиме на дело“, рече поранешната заменик-помошничка директорка на Одделот за контраразузнавање на ФБИ, Дебра Еванс Смит.
Хансен почнал да работи во нова канцеларија, каде што биле поставени скриени камери и микрофони, во седиштето на ФБИ во јануари 2001 година, по што бил уапсен.
Тој во 2002 година беше осуден на доживотен затвор за шпионажа.
Хансен добил повеќе од 1,4 милиони долари во готовина, дијаманти и пари во времето кога испраќал информации во Москва.