Соединетите Американски Држави се приближуваат до пресвртната точка во безбедноста на вселената и мора да го забрзаат својот развој, инаку Кина и Русија ќе ги стигнат, предупреди американскиот генерал Мајкл Гетлајн, втор по команда на американските вселенски сили. Според генералот, во тек е трка во вселенските воени капацитети, а Америка, посочи, мора да има можности да ги брани своите сателити.
Колку се тие важни покажа примерот на Украина и Старлинк, компанијата на милијардерот Илон Маск, кој и се закани на украинската армија дека ќе го „исклучи“ интернет системот, кој е клучен за комуникација и одржување на врските со светот. Гетлајн верува дека американските вселенски сили треба да се фокусираат на зголемување на способностите во доменот на системи или технологии кои се наоѓаат во орбитата на Земјата и се користат за воени цели.
„Во моментов, фокусот е на вселенските објекти кои ја поддржуваат одбранбената инфраструктура на Земјата, но ние треба да се фокусираме на технологијата за употреба во вселената“, рече генералот.
Цитирајќи ги зборовите на генералот, американскиот специјализиран портал „Space“ потсетува дека сите светски нации кои имаат вселенски способности досега внимаваа да не дојдат во конфликт меѓу себе.
-Се обидоа да избегнат контакт помеѓу леталото и сателитите што ги поставија во орбитата (која, како што знаеме, веќе е многу преполна). Русија и Кина, пишува понатаму Space, работат напорно на нивните вселенски воени способности во последниве години.
Како дел од ова, се случиле неколку „инциденти“, како оној во кој Русија спроведе антисателитско тестирање во 2022 година, создавајќи облак од суперсоничен отпад во ниската орбита на Земјата. Исто така, истата година Кина изведе акција во која сателитот „одвлече“ друг, истрошен кинески сателит до „гробиштата“ во орбитата.
„Гледаме дека има оружје за фаќање и „киднапирање“ на сателити во вселената“, се сеќава генералот на случајот, додавајќи дека зголеменото инвестирање во вселенските сили ќе ја намали веројатноста за идна агресија. Според неговото мислење, старите норми на однесување во вселената почнале да се нагризуваат.
„Постоеше премолчен џентлменски договор да не се мешаат во туѓите вселенски системи. Сепак, се чини дека нашите противници сега се подготвени да им пркосат на правилата и тоа го прават на небезбеден и непрофесионален начин“, вели генералот.
Според него, измамувањето и заслепувањето од туѓа технологија е се почеста појава, а се зголемува и „влогот“.
„Бевме сведоци на странски сателити како ги следат американските авиони во еден вид игра мачка и глушец“, објасни Гетлајн.
Генералот на вселенските сили нагласува колку е важно Америка да остане супериорна во вселената и евидентно е, вели тој, дека „јазот се затвора“. Кина постигнува најголем напредок во сите можни поврзани технологии.
„Тие отидоа од линеарен пристап – во кој секој чекор зависи од претходниот – до мрежен пристап, каде што повеќе системи работат истовремено и се координираат едни со други, со цел брзо да реагираат и да ги неутрализираат заканите. Потребни ни се комерцијални и меѓународни партнерства за да успееме да ја одржиме нашата супериорност“, заклучил генералот, кој се залага за отворање опции за приватниот сектор.
За потсетување, Вселенските сили се гранка на вооружените сили на САД, основана од претседателот Доналд Трамп во декември 2019 година, за време на неговиот прв мандат.