Некои американски воени претставници се чини дека се изненадени што украинската контраофанзива не напредува брзо и, преку анонимни медиумски цитати, вината ја префрлаат на украинската војска. Пензионираниот генерал на американската армија Марк Арнолд вели дека не е ни малку изненаден од бавното темпо на напредок и за тоа ги обвинува Американците, а не Украинците, пишува „Вашингтон пост“.
Арнолд, бригадир кој се борел во Ирак и Авганистан, поминал многу време во близина на првите линии на фронтот советувајќи ја украинската војска (на свој трошок). Тој се вратил импресиониран од професионализмот и ентузијазмот на украинската армија, пишува „Вашингтон пост“.
„Сè уште сум многу скептичен дека оваа година ќе има решавачка битка која ќе доведе до победа на Украина. Тоа може да се случи следното лето кога најголемиот дел од опремата за маневрирање ќе пристигне од НАТО во Украина“, напиша тој во мејл до новинар на WP.
„На Украинците им недостасува мобилна опрема потребна за пробивање на мински полиња и пречки со голема густина. Механизираните пешадиски и оклопни баталјони на американската армија имаат тенкови со сечила за противтенковски мини во секој тим на четата. Украинците не.
Ако ги додадете сите борбени возила Бредли, тенковите Леопард 2 и Челинџер 2 и друга опрема, Украинците би можеле да опремат само една бригада. НАТО обучи само шест баталјони од околу 350 баталјони во копнените сили во комбинирано оружје. Едноставно не е доволно“, додаде тој.
Голем проблем за Украина
Тој додаде дека уште еден голем проблем за Украина е фактот што немаат воздушна супериорност. И додека некои во САД го критикуваат начинот на кој Киев ја води контраофанзивата, која се чини дека конечно добива на интензитет додека Украинците ја пробиваат првата руска одбранбена линија на југ, Арнолд не го прави тоа.
„Би било тешко за американската војска да постигне многу подобри резултати без воздушна доминација и артилериски системи со долг дострел“, наведува тој. „Значи, задоволен сум од напредокот што досега го покажаа Украинците“, додава тој.
Арнолд ги отфрла критиките на Пентагон, вклучително и обвинението дека Украинците пренасочиле премногу ресурси кон Бахмут на исток. Тој тврди дека тамошната офанзива „не потрошила големи количини механизирана опрема“ и дека „операциите на Украина во повеќе области се клучни за врзување на руските воени ресурси и одбрана на украинската почва на североисток“.
Смета дека украинските команданти го направиле вистинскиот избор за да постапат повнимателно.
„Памудро е да се вреднуваат и трошат човечките ресурси за време на контраофанзивата, додека исто така се чека поголемиот дел од оклопната опрема и механизирана опрема да пристигне следната година“, рече тој. „Фрустриран сум бидејќи Западот има способност да направи многу повеќе за да помогне да се стави крај на војната, но ние не го правиме тоа. Тоа треба да се смени“, истакнал пензионираниот генерал.