Американски институт: „АстраЗенека“ можеби доставила нецелосни податоци за ефикасноста

од Stefanija Kuzmanovska

Британско-шведската компанија „АстраЗенека“ можеби не доставила целосни податоци за ефикасноста на вакцината против ковид-19 од последната сеопфатна студија на САД, објави во вторникот американскиот Национален институт за алергија и инфективни болести (НИАД).

„АстраЗенека“ во понеделникот објави дека се покажало дека вакцината против ковид-19, изработена во соработка со Универзитетот Оксфорд, е 79 отсто ефикасна во спречување на симптоматска болест во големото испитување во САД, Чиле и Перу.

„ДСМБ изрази загриженост дека „АстраЗенека“ може да вклучила застарени податоци од тоа испитување, кои можеби пружиле нецелосна презентација на податоците за ефикасноста“, рече американската агенција, повикувајќи се на Независниот одбор за безбедност на податоци (ДСМБ).

„Бараме од компанијата да соработува со ДСМБ за да ги разгледа податоците за ефикасноста и да обезбеди што е можно побрзо објавување на најточните, ажурирани податоци за ефикасност“, се наведува во извештајот.

Тоа барање го доведе во прашање планот на компанијата да побара итно одобрување од САД за употреба на вакцината во следните месеци.

Одобрувањето и упатствата за употреба на вакцини во Соединетите Држави ќе бидат утврдени од страна на Администрацијата за храна и лекови и Центрите за контрола и превенција на болести откако податоците ќе бидат темелно разгледани од независни советодавни комитети, соопшти НИАИД, во рамките на Националниот институт за здравство.

„АстраЗенека“ не одговорила веднаш на барањето на „Ројтерс“ за коментар.

Британско-шведската компанија објави во понеделникот дека новата голема студија покажала дека нејзината вакцина е 79 отсто ефикасна во спречување на болеста и апсолутно ефикасна во спречување на сериозни болести.

Третата фаза на клинички испитувања во САД, спроведена на 32,4 илјади испитаници во САД, Чиле и Перу, покажа дека вакцината на „АстраЗенека“ е ефикасна во 79 отсто од случаите, а 80 отсто кај лица над 65 години, објави компанијата во понеделникот .

Истражувањето исто така покажа дека вакцината е целосно ефикасна против развивање на тешки форми на ковид-19.

Студијата покажа и дека вакцината на „АстраЗенека“ е безбедна и не носи зголемен ризик од тромбоза, што предизвика голем број европски земји привремено да престанат да вакцинираат минатата недела, соопшти компанијата.

Експертите на „АстраЗенека“ објавија дека веруваат дека вакцината е ефикасна кога станува збор за новите варијанти на коронавирусот.

Слични содржини