Американски медиуми: Бајден наскоро би можел да се повлече од изборната трка

од Nikola Popovski
76 прегледи

Неколку американски медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека американскиот претседател Џо Бајден би можел да се повлече од изборната трка, а во меѓувреме на тоа го повикаа уште неколку демократски конгресмени.

„Њујорк тајмс“ наведува, повикувајќи се на повеќе неименувани извори блиски до Бајден, дека американскиот претседател почнал да ја прифаќа идејата дека можеби нема да може да освои уште еден мандат на изборите на 5 ноември и може да се повлече, но кампањата на Бајден категорично ги негираше таквите тврдења, пренесува Ројтерс.

„Извештајот на Њујорк Тајмс е апсолутно неточен“, изјавил Седрик Ричмонд од изборниот штаб на Бајден за „MSNBC“, истакнувајќи дека „претседателот рече дека ќе се кандидира и тоа е крајо на приказната“.

„Вашингтон пост“ објави дека поранешната претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси е убедена дека Бајден наскоро би можел да биде убеден да се повлече од изборната трка. Пелоси им рекла на демократските конгресмени дека Бајден е блиску до откажување, наведува „Ројтерс“.

Бајден сериозно ги прифаќа повиците за повлекување како демократски претседателски кандидат и неколку демократски претставници веруваат дека е само прашање на време кога ќе замине, објави Ројтерс, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.

„Постои преиспитување, тоа сигурно го знам“, изјавил еден од изворите кој сакал да остане анонимен. „Тој размислува за тоа многу сериозно“, рекол изворот на Ројтерс.

Зголемен притисок врз Бајден

Како што наведува агенцијата, претставникот на демократите во Претставничкиот дом, Џејми Раскин во јули апелирал до Бајден да размисли за завршување на кампањата за реизбор, но директно не го повикал да го стори тоа.

„Не е срамота да се поклониш заслужено пред публиката со благодарност“, напишал Раскин во писмото од 6 јули, до кое имале увид од Ројтерс. Демократскиот сенатор од Монтана, Џон Тестер, го повикал Бајден да не се кандидира повторно.

„Работев со претседателот Бајден кога Монтана стана посилна и никогаш не се плашев да му се спротивставам кога погреши“, навел Тестер во изјавата. Тој напишал дека ја цени посветеноста на Бајден за „служење на јавноста и на земјата“, но смета дека „претседателот Бајден не треба да бара реизбор“.

Кандидатурата на Бајден за нов мандат во Белата куќа беше дополнително доведена во прашање во четвртокот поради извештаите дека демократските лидери, зад затворени врати, вршат притисок врз него да ја прекине кампањата.

Лидерите на мнозинството во Сенатот и на малцинството во Претставничкиот дом, Чак Шумер и Хаким Џефрис, како и Пелоси, во последните денови директно ја изразија својата длабока загриженост во разговорот со Бајден не само дека актуелниот претседател ќе ја изгуби избори на 5 ноември, но и дека партијата ќе ја изгуби секоја шанса да освои мнозинство во Претставничкиот дом, наведуваат повеќе американски медиуми.

Асошиејтед прес, повикувајќи се на извори запознаени со приватните разговори кои побараа да останат анонимни, објави дека и поранешниот претседател Барак Обама во приватни разговори пренел дека е загрижен за кандидатурата на Бајден. До четвртокот, 81-годишниот Бајден ги отфрли јавните повици на 20 демократи во Конгресот да се откаже од трката, по лошиот настап во дебатата со Трамп на 27 јуни.

Проблемите на демократскиот кандидат дополнително се влошија откако тој беше позитивен на тестот за Ковид-19 за време на предизборната посета на Невада. Ова го принуди Бајден да се врати во Делавер и да работи во изолација.

Слични содржини