
Температура, болка во грлото, кашлица, болка во градите, слабост, ова се најчестите симптоми на оние кои страдаат од коронавирус. Многу заразени исто така, некое време, ги губат сетилата за мирис и вкус.
Еден ензим би можел да биде одговорен за ова: Научниците од универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор успеаја да докажат, во тестови на екстремно високи дози на ензимот АЦЕ-2 (Agniotensin Converting Enzyme II), во назалниот регион, дека овој ензим е одговорен за губење на сетилото за мирис, пренесува „Дојче веле“.
Овој ензим треба да дејствува како влез преку кој коронавирусот влегува во клетките на телото. И други студии укажуваат на тоа. За нивната студија, истражувачите испитувале ткива на 23 пациенти, кои ги отстраниле за време на операцијата. Пациентите кои не биле заразени со коронавирус биле оперирани за тумори или синузитис.
Резултатите од нивното истражување дури би можеле да послужат како нов пристап кон лекување на заразените, напишаа експертите во научното списание „European Respiratory Journal“. Резултатите, сепак, треба да бидат потврдени со натамошно истражување, рече Ендру Лејн од универзитетот „Џонс Хопкинс“.
„Ако ова се покаже како точно, тогаш би можеле да ја победиме инфекцијата со антивирусни терапии, кои би биле внесувани директно во носот“, посочи тој.
Тобајас Велте, од клиниката за заболувања на белите дробови во Медицинскиот факултет Хановер, не беше вклучен во истражувањето, но вели дека станува збор за „паметна студија“ која не само што го објаснува губењето на чувството за мирис кај многу пациенти, туку овозможува и нови терапии.
Но, тој исто така верува дека се потребни дополнителни истражувања.